
ЖРК ВАРДАР БЕЗ ТИТУЛА,ПЕХАРОТ ОСТАНА КАЈ ЃЕР
Пехарот остана кај Ѓер,солзите кај Вардарки.Унгарскиот тим го обрани шампионскиот пехар во реприза од ланското финале со идентично сценарио ,продолженија и со 27-26 го урнаа сонот за прва европска титула на ЖРК.Вардар и во петтото по ред учество на Ф4 турнирот во Будимпешта остана без трофеј ,играјки за последен пат во составот кој беше блиску да ја освои Европа.
Мечот во Ласло Пап арената почна според очекувањата кога влогот е шампионски пехар а двете страни беа со речиси идентични состави како и во ланското финале .Цврста игра со многу борба и мал број на погодоци.Ѓер поведе со 2-0 а Вардар за прв пат реализираше во 5.минута.Од средината на првиот дел,составот од Македонија заигра подобро,успеа и да поведе со 9-8 но Ѓер имаше ефект во последниот напад за 9-9 .После паузата,подобар старт на Вардарки.ЖРК имаше 13-11,но брзо се врати ритамот на неизвесноста.Ѓер ги искористи исклучувањата ,имаше обиди и за резултаски исчекор но Лејно бранеше како во транс и повторно се играше гол за гол.Вистинска драма се одвиваше во последната од регуларните 60 минути.Вардар со атракцијата на Лекиќ беше на 20-19 и на 20-тина секунди до пехарот.Аморин ја искористи воиграната акција на Ѓер,Вардар не успеа во последниот напад и финалето продолжи со екстра време од 2 пати по 5 минути.Бразилката беше движечка сила на Ѓер во продолженијата.Вардар застана со мислите за пропуштената можност, но пронајде мотиви да се врати и од три гола негатива ,а Чаначија во последниот напад не успеа да изедначи за дополнителна драма и пенали во Будимпешта.Највпечатлива кај Вардар беше Лејно со 17 одбрани.Голманката го понесе признанието за МВП на турнирот.Лекиќ беше прв стрелец со 6 голови,Радичевиќ постигна 4.Кај Ѓер ,Грот заврши со 8 погодоци а 6 додаде Аморин. Во мечот за 3.место Букурешт го победи Ростов Дон со 31-30.