15-ти фестивал на современа уметност АКТО
Со изработка на мурал кој содржи цитатат од „Песната за солидарност“ на Бертол Брехт, денеска во Битола симболично е отворено 15 издание на фестивалот за современа уметност АКТО. Муралот е насликан на фасадата од некогашното кино „Партизан,“ со кој АКТО во време на пандемија, испараќа пораки за заедништово, но и пораки кои пркосат на националистичките тенденции.
Решивме да правиме серија на интервенции во јавен простор, односно реализација на уметнички мурали, кои преку уметност ќе одговорат на она што на некој начин се уште го окупира општетсвото а тоа е таа ксенофобија, национализам, изјави Филип Јовановски, уметнички директор на АКТО.
Автори се Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ од здружението КУРС од Србија, кои веруваат дека уметноста може и треба да биде дел од политичката борба за поеднакво општество.
Ова е наш трет мурал на тема „Солидарност“. Еден направивме во Белград, еден во Палестина и третиот овде во Битола со песната на Брехт која се вика „Солидарност“, рече Мирјана Радовановиќ.
Муралот е изработен во соработка со Народниот театар во Битола, во чија сопственост е објектот на некогашното кино „Партизан“.
Не можевме да најдеме попогоден момент и попогоден цитат на Бертол Брехт за да го отсликаме ова денешно време со една јасна интернационална, мултикултурална и солидарна порака. Мислам дека е во согласност со нашата определба да правиме театар или уметност која говори за мигот и времето во кое што живееме, рече Иван Јерчиќ.
Вакви мурали во рамките на фестивалот АКТО паралелно ќе бидат насликани и во уште седум други градови низ Македонија. Поради пандемијата и новите услови фестивалот во рамките на годинешната програма ќе има и други содржини, но ќе се одвиваат во текот на целата година
Емилија Мисирлиевска