Вардар меѓу носителите во ждрепката за Лигата на шампиони
Вардар ќе биде носител во ждрепката за групната фаза во ракометната Лига на шампиони идната сезона. ЕХФ денеска ги објави квалитативните барабани, а „црвено-црните“ се меѓу четирите главни фаворити
Вардар, ПСЖ, Веспрем и Барселона го сочинуваат првиот квалитативен барабан пред ждрепката за групната фаза во Лигата на шампиони. Европската елита од следната сезона ќе се натпреварува по нов систем, а ќе учествуваат само 16 тимови, односно две групи од по осум тима.
Пред ждрепката што треба да се одржи на 1 јули во Виена, тимовите се поделени во четири квалитативни барабани по четири клубови. Од секој барабан ќе бидат извлечени по два тима во Групата А и по два во Групата Б. Ждрепката ќе биде полудиригирана, бидејќи во иста група не можат да играат тимови од Франција, Германија и Унгарија.
Кил, Кјелце, Алборг и Порто го сочинуваат вториот барабан. Мешков Брест, Мотор Запорожје, Пик Сегед и Нант на македонскиот капитен Кире Лазаров се во третиот барабан. Најслабата конкуренција ја сочинуваат Целје, Загреб, Елверум и Фленсбург.
По 14-те кола во групата фаза, најдобрите две екипи од двете групи директно ќе се пласираат во четвртфиналето, додека екипите кои ќе финишираат од третото до шестото место ќе играат плеј-оф за пласман помеѓу најдобрите осум. Последните две екипи во групите А и Б, ги завршуваат настапите.