Ракометарите ги добија ривалите за пласман на ЕП 2022

Македонската ракометна репрезентација во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022  ќе игра против актуелниот светски првак Данска, потоа Швајцарија и Финска.

Денешната ждрепка во Виена, ја смести нашата селекција во рамки на квалификациската Група 7. Од најквалитетниот шешир за противник ја добивме Данска која е актуелен светски првак и репрезентација од која имаме загубено на сите пет досегашни меѓусебни натпревари. Ова ќе биде прва наша пресметка во едни квалификации, бидејќи досега со Данците игравме само на големите натпреварувања, два пати на Светските првенства и три пати на Европските.

Втор сериозен ривал за нашите ракометари ќе биде Швајцарија, селекција со која исто така имаме негативен меѓусебен скор од три победи и шест порази. Последниот наш ривал е Финска со која досега имаме играно само во квалификациите за СП 2005. Тогаш остваривме победа на домашен терен, а ремизиравме на гости.

За настап на шестото Европско првенство по ред потребно ќе ни биде да бидеме меѓу првите две репрезентации во Групата 7 или помеѓу најдобрите четири третопласирани репрезентации од осумте квалификациски групи.

Првите термини за квалификациите се од 5 до 8 ноември оваа година, вторите 11-14 март 2021, а петтото и шестото коло се на 29 април и 2 мај идната година.

Учество на Европското првенство веќе имаат обезбедно финалистите од последниот турнир, Шпанија и Хрватска, како и домаќините Унгарија и Словачка.

ГРУПА 1: ФРАНЦИЈА, СРБИЈА, БЕЛГИЈА, ГРЦИЈА

ГРУПА 2: ГЕРМАНИЈА, АВСТРИЈА, БИХ, ЕСТОНИЈА

ГРУПА 3: ЧЕШКА, РУСИЈА, УКРАИНА, ФАРСКИ ОСТРОВИ

ГРУПА 4: ИСЛАНД, ПОРТУГАЛИЈА, ЛИТВАНИЈА, ИЗРАЕЛ

ГРУПА 5: СЛОВЕНИЈА, ХОЛАНДИЈА, ПОЛСКА, ТУРЦИЈА

ГРУПА 6: НОРВЕШКА, БЕЛОРУСИЈА, ЛЕТОНИЈА, ИТАЛИЈА

ГРУПА 8: ШВЕДСКА, ЦРНА ГОРА, РОМАНИЈА, КОСОВО

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ