
Заев: Утврдивме опција што може да биде прифатлива за двете страни
Заев го нарече Ципрас пријателот и рече дека од денес пријателството меѓу Македонија и Грција е уште посилно бидејќи се решава спор, за да се засили достоинството и идентитетот на граѓаните во двете земји.
Двајцата премиери всушност разговарале пријателски речиси до рано утрото, пред нивната тет-а-тет средба, откри грчкиот премиер. Ноќеска во Софија, заедно со своите тимови, двајцата премиери преговарале до 3 часот утрово, иако во 10:30 минути беше закажана средба на маргините на самитот во Софија.
Ципрас на прес конференција за грчките медиуми, рече дека уште не сме во позиција да зборуваме за договор.
„Ги разгледуваме чекор по чекор сите детали. Не сме, се уште не сме во позиција да говориме за договор. Ќе постојат и следни чекори, со цел ако е можно повторно да се сретнеме на почетокот на следниот месец“
Ципрас не сакаше да каже детали од договорот, но рече дека дел од „реформите” ќе треба да бидат вклучени и во македонскиот Устав, односно тој ќе треба да се менува и за тоа е потребно двотретинско мнозинство.
Премиерот Зоран Заев не го употреби зборот решение на прес-конференцијата, по средбата со неговиот грчки колега Алексис Ципрас на која разговараа за проблемот со името. Кажа дека разговарале суштински и разгледувале повеќе опции да се затвори проблемот. Една од нив е прифатлива за двете страни, вели Заев.
Спорот за името го спомна и германската канцеларка Ангела Меркел. Таа се сретна и со Заев и со Ципрас на одвоени средби и кажа дека има значителен напредок во преговорите.
Дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со Унијата ќе се одлучува на Самитот во јуни.
И двајцата премиери се надеваат дека до тогаш може да се најде решение на спорот. Како што рече Ципрас, тоа е заедничка цел. Додаде и дека со Заев се обидуваат да најдат решенија за сите прашања, без да ја преминат црвената линија.
Од Софија за Телма, Марија Дивитарова