
Владината реконструкција одложена, министрите без коментар
Владината реконструкција повторно одложена, Социјалдемократите синоќа се занимаваа само со партиски промени.
Најновите најави се дека, до крајот на неделата ќе бидат сменети осум министри и 20 директори на јавни претпијатија, но нивните имиња не се откриваат. Засегнатите, пак, одбиваат да коментираат.
Синоќешната седница на Централниот одбор не донесе ништо ново.
”Пријатното изненадување” што го најави Заев, всушност беше поголемиот број на жени во партиските тела. Неодамна сменетите потпретседатели, Фросина Ременски, Петре Шилегов и Благој Бочварски сега ќе бидат членови на Извршниот одбор, заедно со министрите Рената Дескоска и Драган Тевдовски, како и градоначалникот Стефан Богоев и пратеникот Костадин Костадинов.
Во овој одбор влегува и Татјана Стојановска Иванова, која беше и во извршниот одбор на ГРОМ, како и директорката на геријатриската болница во Скопје, Салија Љатиф Петрушовска и уште осум членови на партијата од другите градови.
Генералниот секретар, Љупчо Николовски, пак, ќе биде советуван од братот на поранешната пратеничка од ДУИ, Ермира Мехмети. Тој е и актуелен член на одборот на директори на Телеком, назначен од владата.
Овие промени во владејачката партија ВМРО ДПМНЕ ги оценија како театар за јавност, особено затоа што, од 16 членови на Извршниот одбор, нови се само шестмина.
Социјалдемократите, пак, им вратија дека, СДСМ се менува во интерес на граѓаните а ВМРО-ДПМНЕ останува заглавена во матрицата на Никола Груевски, на деструкција и блокади.
„После сите порази и неуспеси, Мицкоски најмногу се плаши од промени.Тој би останал слеп послушник на Груевски по секоја цена, не би менувал ништо, нема свое јас, нема капацитет, едноставно слуша што ќе му каже неговиот шеф и тоа за него е доволно и најважно. Со Мицкоски на чело, ВМРО-ДПМНЕ може да се очекува само нови порази„, стои во партиското соопштение.
Далиборка Демјанска Цветановска