Вардар стигна до 13-тиот трофеј во Купот, Металург даде достоен отпор

Вардар стигна до петтиот Куп-трофеј по ред или вкупно 13-ти во својата историја, откако денеска во 26-тото финале во Битола го совлада Металург со 30-26.

За разлика од нивната последна пресметка во првенството, кога „црвено-црните“ го декласираа скопскиот ривал со 19 голови разлика, денеска момците на Александар Јовиќ беа достоен ривал за фаворитот.

„Металурзите“ дури имаа и водство некаде до 13-тата минута, но потоа Вардар почна да го диктира натпреварот и резултатот. На полувремето беше 14-12 за „вардарци“.

Во вториот дел, тимот на Раул Гонзалес даде малку повеќе „гас“ и направи разлика од +7 или 27-20. Благодарение на неколкуте утнати зицери и добри интервенции на голманот Мартин Томовски, Металург го направи финишот поинтересен, но Вардар во никој случај не дозволи прашањето на победникот да биде загрозено за конечен триумф од 30-26.

Тимур Дибиров со шест гола беше најефикаен кај Вардар, додека на спротивната страна Халил Јагањац и Филип Кузмановски со седум голови беа најдобри стрелци.

МВП на турнирот беше прогласен Даинис Кристопанс од Вардар, додека Мартин Томовски од Металург за најдобар голман.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ