
Вардар со нов рекорд против Брест Мешков обезбеди финале во СЕХА
Во сезоната во која сруши неколку рекорди вечерва Вардар ја оствари најубедливата победа во историјата на полуфиналните дуели во СЕХА-лигата, откако го преслуша Брест Мешков со 33-24 на завршниот турнир, што се одржува во „Јане Сандански“ во Скопје.
Разликата во квалитет беше очигледна, а на голот на Вардар исклучително расположен беше и Арпад Штербик, што вообичаено тоа значи и пораз за противникот. Белорускиот тим беше рамноправен само во почетните пет минути од дуелот кога беше нерешено (3-3). Вардар во два наврати во првиот дел имаше +6, но на паузата замина со водство од само 17-14.
Вториот дел Вардар го по почна со серија 4-0 и веќе можеше да се насети победата. Водството на актуелниот бранител на трофејот стигна и до +10 или 30-20 на десет минути до крајот, па понатаму веќе се беше рутина за конечни 33-24.
Арпад Штербик беше неверојатен на голот со 20 одбрани на голот, додека во нападот најмногу се истакна Лука Циндриќ со шест голови.
Кај Брест Мешков најефикасен беше Максим Баранов со девет голови.