Вардар против домаќинот Брест Мешков на завршниот турнир во СЕХА

Македонскиот првак Вардар во полуфиналето на завршниот турнир во СЕХА-лигата ќе игра против Брест Мешков. Актуелниот првак го дозна својот противник откако вечерва се одиграа последните два натпревари од регуларниот дел од сезоната.

Загреб вечерва запиша пресметан пораз на домашен терен од Татран Прешов со 28-29, за да  му го препушти првото место на табелата на Вардар и да го избегне Брест во полуфиналето. Поради ова нашиот тим на завршниот турнир ќе игра против белорусикиот шампион, кој воедно е и домаќин. Загреб во полуфиналето ќе ги одмери силите со хрватскиот ривал Нексе, кој денеска на домашен терен загуби од Брест со 26-29.

На конечната табела, Вардар е прв со 42 бода, додека Нексе, Загреб и Брест имаат по 39 бодови, па гол-разликата го креираше редоследот од второто до четвртото место. Вардар ќе ја брани титулата на завршниот турнир, што ќе се одржи на 2 и 3 април.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ