
Вардар на победа во последниот домашен настап во 2018 година
Ракометарите на Вардар в среда од 20 часот и 15 минути го пречекува Татран Прешов и тоа ќе биде последен натпревар на “црвено црните” пред своите навивачи за оваа година.
И покрај сите проблеми со кои се соочува тренерот Роберто Парондо, Вардар очекува победа со која ќе го потврди првото место на табелата во СЕХА лигата.
“Ни претстои нов натпревар во СЕХА против одлична екипа, која игра во Лигата на шампионите. Очекувам тешка средба. Нашата цел е да дојдеме до победа и ни претстои добра работа за да се подготвиме за да дојдеме до триумф на оваа средба. Ни остануваат уште две средби до крајот на овој дел од сезоната и очекувам да ги одработиме на потребното ниво”, изјави тренерот на Вардар.
Словачкиот првак заедно со Нексе е најпријатното изненадување во досегашниот тек од регионалното натпреварување, но играчите ветуваат победа.
“Овие мечеви пред крај на сезоната се секогаш тешки. Татран е незгоден противник и треба да го сфатиме сериозно. Потребни ни се две победи за да останеме на првото место”, истакна капитенот Стојанче Стоилов.
Дуелот се игра в среда во салата на СЦ Јане Сандански.