
Вардар го реши Пелистер со +19 за очекувано финале во Купот
Вардар очекувано се пласираше во финалето на Купот на Македонија, откако го прегази Пелистер со 46-27 во првото полуфинале на завршниот турнир во Битола.
Домашниот тим почна добро и во два наврати имаше водство од два гола разлика, но работите си дојдоа на место, кога Вардар по 14 минути прв пат го презема водството. На полувремето беше 12-20 за „вардарци“, кои во вториот дел само продолжија да ја полнат мрежата на Пелистер без милост.
Разликата постојано беше двоцифрена, а на крајот стигна и до најубедливите +19 со конечни 46-27.
Хорхе Македа и Мијајло Марсениќ со по осум погодоци беа најефикасни кај Вардар, додека кај Пелистер најмногу се истакна младиот Томислав Јагуриновски со пет погодоци.
Во второто полуфинале од 19.15 играат Еруфарм и Работник, натпревар кој исто така ќе можете да го гледата ексклузивно на Телевизија Телма.