Вардар ги подмири долговите и се спаси од суспензија од УЕФА

Фудбалскиот клуб Вардар нема да добие суспензија од УЕФА, откако клубот денеска на последниот ден од истекот на рокот ги подмири сите долгови кон сегашните и поранешните фудбалери.

На најтрофејниот македонски клуб му се закануваше двегодишна суспензија од УЕФА со исфрлање од меѓународните натпреварувања поради големите долгови кои се натрупаа во клубот. Според одлуката на комисијата за Финансиски фер-плеј при УЕФА од пред два месеци, Вардар доби условна суспензија и рок да ги подмири сите долгови до денеска 31 јануари 2019 година заклучно со септември 2018 година.

Клубот денеска ги расчистил сите долгови, па нема да добие никаква санкција од европската куќа на фудбалот. Засега не е јасно колку точно должел Вардар, но според шпекулациите во дел од медиумите, сумата изнесувала над еден милион евра.

Лошата финансиска состојба во клубот придонесе да си замине речиси целиот тим, кој минатата сезона го оствари историскиот пласман во групната фаза од Лигата на Европа. Ова сигурно се добри вести за актуелниот состав на „црвено-црните“, кој ќе може на мир да се подготвува за пролетниот дел од сезоната во првата лига. По 18 кола во домашното првенство Вардар е втор на табелата со 35 бодови или пет помалку од лидерот Шкендија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ