
Вардар е пред колапс: Самсоненко ги ослободил фудбалерите
Сергеј Самсоненко се повлекува од фудбалскиот клуб Вардар. Фудбалерите на „црвено-црните“ денеска по пријателскиот натпревар со Црвена Звезда во Анталија, Турција, биле информирани дека се слободни да си бараат нови клубови.
На лидерот во Првата лига не му се пишува добро оваа пролет. Неофицијално фудбалерите биле ослободени од своите обврски. Сопственикот Сергеј Самсоненко не можел да обезбеди буџет за плати за фудбалерите, кои и онака кубуреа со финансии изминатите месеци. Русинот се откажува од клубот, кој според претходниот договор, најверојатно ќе се врати во сопственост на Градот Скопје.
Од таборот на Вардар, очекувано, нема официјална потврда на оваа информација.
Фудбалерите се најдоа во тешка ситуација, бидејќи до крајот на преодниот рок остануваат уште два дена, па нивните опции да најдат нова средина се лимитирани. Уште пострашен е фактот што доколку фудбалерите навистина си заминат, Вардар ќе нема состав за да се натпреварува во Првата лига во пролетниот дел. Клубот е под суспензија од ФИФА и не може да прави трансфери поради финансиските долгови.
Ова сигурно се најтешките денови за најтрофејниот македонски клуб по 2011 година, кога се фузираше со Миравци за да избегне испаѓање во Втората лига.
Да потсетиме, Вардар оваа сезона е прв на табелата во Првата лига со осум бодови предност во однос на актуелниот шампион Шкендија.