Вардар блескаше и го преслуша Рајн-Некар

Вардар го одигра најдобриот натпревар сезонава во Лигата на шампионите и заслужено дојде до триумф на гостувањето кај Рајн-Некар Левен од 30-27. Ова беше исклучително важна победа за „црвено-црните“ со која се зацврстија на втората позиција во групата А зад лидерот Барселона.

Вардар дојде до седмата победа сезонава во елитата, а интересно ја оствари и седмата победа против Рајн-Некар во вкупно десете меѓусебни средби досега. Нашиот шампион комплетно доминираше во „САП арена“ и повеќе од заслужено дојде до бодовите. Постојано го имаше водството, кое во неколку наврати изнесуваше и +7, а победата воопшто не беше доведена во прашање благодарение на константната игра и во одбраната и во нападот.

Во првото полувреме Вардар поведе со 16-9, но Германците со серија од 3-0 се изборија да заминат на полувреме со нешто помала негатива од 16-12. Ниту во вториот дел работите не се променија, бидејќи нашиот првак ја одржуваше предноста, а домаќинот успеваше да се доближи на само -4 и ништо повеќе. Конечниот резултат беше 27-30 само поради опуштањето на „вардарци“ во финишот.

Тимур Дибиров постигна седум голови, додека Игор Карачиќ броеше до шест, колку што имаше и Столе Стоилов, додека голманот Дејан Милосављев заврши со десет одбрани. Енди Шмид со девет голови беше најефикасен кај Рајн-Некар, за кого македонскиот репрезентативец Филип Талески не успеа да се запише во листата на стрелците.

Сега Вардар на табелата има 15 бодови и се зацврсти на втората позиција во групата А зад лидерот Барселона, која има три бода повеќе и натпревар помалку. Во следното коло, Вардар на 16 февруари го пречекува Веспрем.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ