
УЕФА не простува валкани трикови: Суспензија од два меча за Серхио Рамос
Серхио Рамос заработи суспензија од два натпревари во Лигата на шампиони од УЕФА поради намерно добивање на жолт картон на дуелот против Ајакс во осминафиналето.
Капитенот на „кралевите“ во 88-та минута намерно го фаулираше Каспер Долберг за да добие јавна опомена од судијата, за да не игра на реваншот и да ги исчисти картоните за четвртфиналето.
Реал Мадрид победи на натпреварот во Амстердам со 2-1 и е голем фаворит да мине во следната фаза. Интересно е тоа што Рамос најпрво јавно призна дека намерно добил жолт картон, а потоа ретерираше.
Сепак, УЕФА пронајде видео-снимка на која фудбалерот сигнализира кон клупата на Реал Мадрид дека ќе направи прекршок за жолт картон.
Актуелниот европски првак најави жалба по одлуката на УЕФА, а доколку не биде усвоена, Рамос нема да игра на реваншот со Ајакс во Мадрид, но и на првиотнатпревар од четвртфиналето доколку Реал мине во оваа фаза.
Ако Реал Мадрид биде елиминиран во осминафиналето, вториот натпревар од суспензијата Рамос ќе ја одработи идната сезона.