Тируне победник на Скопскиот маратон: Државен рекорд за Поп Арсова

Низ улиците на главниот град денеска се одржа 15-тото издание на Скопскиот маратон со рекорден број на учесници (12.500). По доминацијата на маратонците од Кенија изминатите години, денеска победи Чалаче Тируне од Етиопија.

Тируне триумфираше со време од 2 часа, 15 минути и 37 секунди, што претставува петто најдобро време во историјата на Скопскиот маратон. Зад него финишираа Вилфред Корир од Кенија и Гетаје Гелав од Етиопија. Од македонските натпреварувачи, очекувано најдобро пласиран на трката на 42 километри беше Александар Кираџиев, кој заврши како шести, додека во најдобрите 10 беше и Марјан Бонев на 9.место.

Кај дамите, доминација на Кенијките кои ги освоија првите три места. Енис Мучири беше победничка со време од 2:33.37 часа, пред сонародничките Тануи и Лимамуреи. Најдобропласирана Македонка на маратонската трка беше Адријана Поп Арсова, која истрча нов државен рекорд од 2:52.52 часа, доволно за седмото место. Веднаш зад Поп Арсова на осмото место финишираше Билјана Кираџиева.

Во полумаратон хет-трик на Дарио Ивановски, кој е победник трета година по ред. Еден од нашите најдобри атлетичари 21 километарскат трка ја заврши со време од 1 час, 12 минути и 31 секунд, втор беше Кристијан Стошиќ од Србија, додека третото место му припадна на уште еден Македонец, Милош Ранчиќ.

Кај дамите триумфираше Зита Качер од Унгарија, пред нашата натпреварувачка Милјана Ристиќ и Емилија Тодоровска Елиас.

Скопскиот маратон годинава го сруши рекордот по бројот на учесници на кој трчаа околу 12.500 луѓе.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ