
Тим елиминиран во првото коло
Продолжува серијата изненадувања на третиот Гренд слем турнир сезонава. Настапот во првото коло го заврши петтиот носител Доминик Тим кој беше поразен од Американецот, Сем Квери.
Шеесет и петтиот тенисер на светот во меч што траеше два и пол часа во четири сета со 6:7, 7:6, 6:3 и 6:0 го елиминираше тенисерот од Австрија. Пласман во второто коло обезбеди и вториот фаворит РОџер Федерер кој беше поуспешен од Јужно-африканецот Лојд Херис.
Ник Кириос се соочи со сонародникот Џордан Томпсон и забележа победа со 3:2 во сетови, а противник во втората рунда ќе му биде Рафаел Надал кој беше поуспешен од Јапонецот, Сугита. Осмиот носител Кеи Нишикори во три сета со 6:4, 7:6 и 6:4 славеше против Тијаго Монтеиро од Бразил, а пласман во следната рунда обезбедија уште Жо Вилфред Цонга, Жил Симон и Матео Беретини.
Првата носителка Ешли Барти со 2:0 ја елиминираше Саисаи Женг од Кина, а фаворитката број 5, Ангелик Кербер славеше над сонародничката Татјана Марија. Британката Јохана Конта триумфираше во дуелот со Јана Богдан од Романија, 13-тата носителка Белинда Бенчиќ забележа победа во дуелот со Анастасија Пављученкова додека деветтата фаворитка Слоун Стивенс пласман во второто коло обезбеди по триумфот над Тимеа Бачински.
Првата пречка на турнирот ја минаат уште Серена ВИлијамс, Петра Квитова додека Марија Шарапова го предаде дуелот со Французинката Парментие.