
Солари на клупата на Реал до крајот на сезоната
По серијата одлични резултати откако е ангажиран како привремено решение, Сантијаго Солари ќе добие шанса да го води Реал Мадрид до крајот на сезоната.
Солари на чело на Кралскиот клуб дојде во текот на минатиот месец кога претседателот на Реал, Флорентино Перез реши да му врачи отказ на Јулен Лопетеги.
Откако Солари ја презема работата со првиот тим во четири меча забележани се исто толку победи и тоа беше најдобрата препорака 42-годишниот Аргентинец да добие договор според на чело на екипата ќе остане до крајот на сезоната.
Солари на местото шеф на стручниот штаб дојде од позицијата тренер на Реал Кастиља, Б екипата на Кралскиот клуб, а задоволство од неговата работи не го криеше ниту директорот Емилио Бутрагењо.
“Точно е дека сме задоволни од неговата работа и нема сомневање дека тој има реални шанси да остане со првата екипа”, рече Бутрагењо.
Официјална потврда за договорот на Солари се уште нема, но Реал Мадрид веќе ги пополнил документите што треба да ги достави до националната федерација со што е отворен патот за промоција на Аргентинецот во нов шеф на струката во Кралскиот клуб.