Со домашни сили против Шведска и Хрватска

Женската кошаркарска репрезентација ги почна подготовките за последните два натпревари од квалификациите за Европското првенство против селекциите на Шведска и Хрватска..

На првиот тренинг присуствуваа девет од 13-те повикани репрезентативки, три на националниот тим ќе му се приклучат во текот на оваа недела, а селекторот Марјан Лазовски нема да може да смета на повредената Ана Тантуровска.

“Не чекаат два тешки натпревари со силни репрезентации кои многу добро ги познаваме. Навистина ми е жал што во овој квалификациски циклус не успеавме да ја насликаме реалната слика на репрезентацијата и да ги демонстрираме нејзините можности. Сметам дека најкомплетни бевме минатата година во јуни кога одигравме три натпревари овде во Скопје на турнир и оттогаш не можевме да се комплетираме во ниту еден прозорец од квалификациите. Без оглед на се, ќе мораме да покажеме дека не се предаваме уште пред да започне натпреварот. Имаме неколку дена за темпирање на формата и ќе се обидеме што подобро да ја претставиме репрезентацијата на натпреварите”, рече селекторот Лазовски.

Во завршниот дел од квалификациите нашата репрезентација на 17 ноември во малата сала на СЦ Јане Сандански ќе се соочи со Шведска додека четири дена подоцна во Забок и гостуваме на Хрватска.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ