Случајот „Рекет“ е круцијален тест за целиот систем

Правосудниот и обвинителскиот систем мора да имаат соодветна, темелна и навремена реакција, целосно заштитена од политички влијанија. Актуелниот случај „Рекет“ е круцијален тест за целиот систем, порача претседателот Стево Пендаровски на пленарната сесија на Националната конвенција за ЕУ.

За успешно справување со овие предизвици, Пендаровски побара обединување на потенцијалот и поддршка и од власта и од опозицијата, од бизнис-секторот, од граѓанските здруженија и од медиумите. Потсети дека, во изминативе 28 години, во државата има многу малку пресудени случаи за висока корупција и изречени санкции. Оттаму, повика и тој самиот да не биде изземен од темелна истрага ако има какви било индиции за вмешаност во криминал. Ја охрабри Антикорупциската комисија да продолжи со ефикасната работа, но рече дека примерот треба да го следат и обвинителството и судовите.

И европратеникот Едвард Кукан, порача дека, случајот „Рекет„ и законот за јавно обвинителство, мора да се решат навреме.

Пратеникот Никола Поповски и забележа на  Владата дека во преговарачката структура за ЕУ не е вклучена опозицијата, како ниту непартиски лица и дека е време за промена на менталитетот.

И останатите говорници забележаа дека, борбата со корупцијата е многу важно прашање кое се следи будно од страна на ЕУ и може да има големо влијание врз нивната одлука за датум за преговори.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ