ЕХФ ја одби и втората жалба, Словенија ќе одлучи дали ќе го продолжи настапот на Европското првенство

Второстепената комисија на ЕХФ денеска ја отфрли и втората жалба на Словенечката ракометна федерација во врска со случувањата на дуелот против Германија.

Комисијата ја потврди одлуката на првостепената комисија и го призна резултатот (25-25) на овој натпревар. Комисијата на ЕХФ смета дека одлуката на судиите била заснована на правила и тие можат да користат видео технологија.

По ваквиот исход, одлуката на судиите е конечна и жалбата на Словенците дефинитивно одбиена, па останува да се чека изходот од вонредниот состанок на раководството на ракометниот сојуз на Словенија за можното напуштање на Европското првенство и тоа на само неколку часа пред почетокот на натпреварот со Црна Гора.

Словенија вложи втора жалба по контроверзниот крај на мечот со Германија, кога во последните секунди им беше исклучен играч и досуден пенал, по што Германците успеаа да се извлечат со реми. Образложението на ЕХФ за одбивањето на првата жалба беше тоа што Словенија не може да поднесе жалба без судиска проценка, по што раководството на сојузот состави судиска комисија составена од членови на националниот сојуз која поднесе нова жалба во која детално објасни зошто Словенија смета дека била оштетена во дуелот со Германија.

Националниот сојуз на Словенија ќе одржи состанок во 15 часот а одлуката околу понатамошното учество на Европското првенство се очекува најдоцна до 16 часот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ