Шкупи и Струга не веруваат во тестовите што ги спроведува Синдикатот, ќе се тестираат сами

Бројот на позитивни лица на Kовид-19 во македонскиот фудбал се зголеми на седум. Двајца се од таборот на Шкендија, а дури петмина од Ренова. Тимот од Џепчиште вчера објави за четири позитивни тестови, но денеска информираше дека има уште едно позитивно лице, чиј тест бил направен нешто подоцна.

Денеска се тестираа фудбалерите на Вардар, а Шкупи и Струга одбиваат да бидат тестирани преку Синдикатот на фудбалери на Македонија. Двата прволигаши не веруваат во веродостојноста на тестовите направени во приватна скопска клиника. Стружани и чаирчани преку соопштение објавија дека на свој трошок ќе организираат тестирање и тоа во релевантни државни институции.

Откако вчера се појавија позитивните случаи во Ренова и Шкендија, екипата на Македонија Ѓорче Петров денеска ги прекина тренинзите и го распушти тимот. Од таборот на „Лавовите“ информираат дека приоритет моментално им е здравјето на фудбалерите и не сакаат да преземаат никакви ризици иако во овој тим немаше ниту еден позитивен на Ковид-19 при тестирањето минатата недела.

Негативни беа сите тестови и во таборот на Борец, Академија Пандев и Работнички.

Засега нема официјални информации дали продолжувањето на првенството е доведено под знак прашалник, бидејќи Фудбалската федерација на Македонија чека совети од Институтот за јавно здравје. Доколку и при второто тестирање  наодите се позитивни на седумината заразени, тогаш медицинските власти ќе одлучат дали ќе бидат изолирани само лицата кои се заразени или целите екипи. Доколку Ренова и Шкендија комплетно бидат ставени во карантинтин, тогаш е јасно дека сезоната не може да продолжи на средината од месец јуни како што беше претходно предвидено.

При состаноците на ФФМ и клубовите, четири тима беа против рестарт на сезоната, додека шест сакаа натпреварите да продолжат и тоа по скратен систен и без испаѓање од елитата. ФФМ веќе ги промовираше Пелистер и Беласица во нови прволигаши за следната сезона, откако ги прекина сите пониски фудбалски лиги.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ