
Шкендија ремизираше со Ренова, Пелистер со предност против А. Пандев
Шкендија како домаќин одигра 1-1 против градскиот ривал Ренова во рамки на првиот полуфинален натпревар во Купот на Македонија.
„Гипсарите“ се покажаа како цврст противник за фаворитот и први го отворија резултатот преку Влатко Стојановски по киксот на Висар Муслиу. Поранешниот фудбалер на Ренова, Изаир Емини го израмни резултатот за „црвено-црните“ во 26-тата минута и го постави конечниот резултат.
Возбудливо и интересно беше во Битола, каде Пелистер обезбеди минимална предност од 2-1 против Академија Пандев и тоа откако славеше со пресврт. Младиот Јани Атанасов ги доведе во водство гостите во 30-тата минута, а креатори на пресвртот за битолчани беа Борче Маневски во 61-та минута и Ристе Илијовски во 89-тата минута.
Реванш натпреварите ќе се одиграат на 11 април, додека големото финале е закажано за 9 мај, но засега не е познато на кој стадион ќе се одигра.