Шкендија по втор пат во својата историја е шампион на Македонија
Шкендија дојде до својата втора шампионска титула во историјата, откако денеска и математички го обезбеди првото место на дури седум кола до крајот на првенството.
Тетовци денеска го совладаа Шкупи на свој терен со 2-0 благодарение на головите на Марјан Радески и Бесарт Ибраими постигнати во вториот дел. Шкендија сега има неверојатни 26 бодови предност Вардар, кој денеска повторно разочара.
Најтрофејниот македонски тим ниту со новиот тренер Бобан Бабунски никако да излезе од очајната форма. Денеска беше повторно поразен и тоа од Победа со 2-0 на натпревар што се одигра во Струмица на стадионот „Младост“. Благојче Гешовски и Зоран Даноски беа стрелци на головите за прилепчани.
Работнички го прегази Пелистер и тоа за само 16 минути во второто полувреме. Виктор Ангелов го скрши отпорот на битолчани во 54-тата минута, а потоа веќе беше полесно, бидејќи Кире Маркоски погоди уште два пати во мрежата на гостите, а точка на убедливата победа стави Чарлс Џофри Чинеду во 70-тата минута.
Скопје на домашен натпревар загуби од Академија Пандев со 0-2, додека Силекс со минимални 1-0 беше подобар од Ренова.