Шкендија и Вардар се натпреваруваа кој ќе даде поубав гол – на крајот реми

Шкендија и Вардар одиграа 2-2 во првото сезонско дерби и најавија интересно првенство.

Натпреварот го одбележаа три прекрасни погодоци, а на крајот поделбата на бодовите можеби беше и најреален исход. Скопјани го отворија резултатот кога по само пет минути игра од далечина распали Тигран Барсегјан и го совлада Костадин Захов.

Домаќинот можеше да врати во 14-тата минута, но Бесарт Ибраими не реализираше удар од белата точка, односно ја погоди само рамката од голот на Филип Гачевски.

Шкендија се разбуди во вториот дел кога најпрво Ибраими погоди за 1-1 од слободен удар, а потоа во водство дојде со голот на Бесмир Бојку, и покрај тоа што играше со играч помалку по исклучувањето на Арменд Алими. Горан Попов со проектил од далечина ги постави конечните 2-2 во 88-та минута.

На „Филип Втори“ во Скопје имаше вистинска голеада, а Ренова го изненади Работнички и славеше со 4-3.

Останатите дуели се играат утре, а се среќаваат Победа- Беласица, Академија Пандев – Македонија Ѓорче Петров и Силекс – Шкупи.

Фото: ФК Вардар

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ