
Шилегов: ФК Вардар најверојатно се враќа во рацете на Градот Скопје
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов најави дека рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко најверојатно ќе се откаже од финансирањето во фудбалскиот клуб Вардар, што значи дека градот, кој е мнозински сопственик, повторно ќе раководи со нашиот најтрофеен фудбалски клуб.
Со ова само се потврдија шпекулациите кои изминатиот период кружат низ јавноста дека Самсоненко ќе остане сопственик само на ракометните клубови Вардар.
„Фудбалскиот клуб Вардар е сопственост на Град Скопје со 51 отсто. Известен сум од луѓето на кои Градот таа сопственост им ја отстапил да ја користат, дека веројатно во идниот период ќе се откажат од финансирањето. Официјално кога ќе седнеме да разговараме, јавноста ќе биде известена за детали“, изјави Шилегов.
Самсоненко ги купи акциите во ФК Вардар во јануари 2014 година, а под негово водство клубот освои три шампионски титули во домашното првенство, а лани испиша историја со тоа што стана првиот македонски клуб кој се пласирал во групната фаза во Лигата на Европа. Рускиот бизнисмен за потребните на ФК Вардар изгради тренинг-камп во населбата Маџари и фудбалска академија веднаш до стадионот „Филип Втори“.