
Ракометарите тешко до бодовите против Турција
Во претпоследниот натпревар од квалификациите за Европското првенство, Македонија ја совлада Турција со 26:25 и дефинитивно го обезбеди пласманот на континенталниот шампионат со шанса доколку славиме против Грција в недела во Струмица овој циклус да го завршиме на првото место во групата.
Малку недостасуваше да ни се повтори катастрофата на гостувањето во Грција. Турција во еден момент во второто полувреме имаше водство од четири гола, но за наша среќа домаќинот не ја искористи шансата и на крајот Македонија успеа да стигне до победа. Избраниците на Данило Брестовац добро го отворија мечот.
На средината од првиот дел имавме предност од четири погодоци, но противникот во завршницата направи серија од 7:2 и на одмор замина со водство од 13:11. Лошото отворање на вториот дел на македонските ракометари, Турција го претвори во предност од 19:15, но во продолжението по серија грешки на домашниот состав полека, но сигурно ја намалувавме предноста и на десетина минути пред крајот го преземавме водството за конечен триумф од 26:25.
Прв стрелец во нашиот тим со седум гола беше Кире Лазаров, Филип Талески постигна пет, а по четири пати прецизни беа Бојан Маџовски и Гоце Георгиевски. Нашите голмани комбинирано имаа девет одбрани, Никола Митревски во второто полувреме имаше шест, а Борко Ристовски во првото три интервенции. На спротивната страна Дорук Пеливан постигна 10 гола, а голманот Јонуз Осмусул имаше 17 одбрани.
Следниот натпревар го играме в недела против Грција во Струмица, почетокот е во 18 часот, а ќе можете да го следите низ директен пренос на Телма.