
Ракометарите се подготвуваат на следните предизвици – Шпанија и Исланд
Македонската ракометна репрезентација денеска има слободен ден од натпреварите на Светското првенство во Данска и Германија.
По вчерашниот убедлив пораз од Хрватска од девет голови разлика, овој мал одмор ќе дојде добро да се консолидираат редовите за следните два предизвика, Шпанија и Исланд.
Македонија и покрај вчерашниот пораз и натаму има шанси за освојување на едно од првите три места во групата Б, односно прогрес во следната фаза. По негативниот резултат со Хрватска, нашиот национален тим нема време за жалење и мора да се соземе пред дуелите со европскиот првак Шпанија утре и со Осланд за два дена. Еден од овие натпревари ќе биде клучен за Македонија и пласманот во следната фаза, а тоа најреално е дека ќе биде Исланд во последното коло. Утре против Шпанија, ќе биде тешко да се изненади со оглед на квалитетот на противникот, кој не победува на последните два големи турнири и ривал кој никогаш го немаме совладано во историјата.
Реализацијата на нападите мора да се унапреди против Шпанија и Исланд, бидејќи утнатите зицери како вчера против Хрватите, може да ни донесат само пораз. „Црвената фурија“ ги има сите победи досега во групата, но синоќа се намачи со аутсајдерот Јапонија и славеше со 26-22. Можеби Јапонците ни покажаа како треба да играме против актуелниот европски првак.
Нашиот тим иако игра со малку ракометари во ротација, добра вест е што засега никој не се жали на повреда, па селекторот Раул Гонзалес има грижа помалку. Утрешниот натпревар го играме во вечерниот термин од 20.30 часот.