
Работнички го преслуша МЗТ во последниот период за убедлив триумф
Кошаркарите на Работнички брзо се рехабилитираа од првиот пораз во сезоната на гостувањето кај Куманово минатото коло и тоа со триумф на вечното дерби против МЗТ Скопје.
„Центарци“ на натпреварот што се одигра во салата „Младост“ во Гостивар славеа со 92-74 против луиот ривал во рамки на 4.коло од Суперлигата.
Победникот беше решен во последниот период. Иако МЗТ влезе со предност од осум поени разлика, Работнички одигра феноменални 10 минути и буквално го декласираше својот противник. МЗТ не постигна ниту еден поен во последните четири минути од дуелот, а „центарци“ го полнеа кошот за конечна победа од 18 поени разлика или 92-74. Колку „металците“ беа лоши во финишот кажува и фактот дека последниот период резултатски го загубија со 33-10.
Шон Еванс со 19 поени и 12 скока беше најдобар поединец кај Работнички, додека Чавдар Костов и Ѓорѓи Чековски постигнаа по 14 поени. Во таборот на МЗТ Скопје, најмногу се истакна Марко Симоновски со 24 поени, сите од линијата за три поени.
Фото: Спорт1.мк