Продолжува триумфалната серија на Хјустон

Кошаркарите на Хјустон го совладаа Шарлот и ја забележа деветтата последователна победа по која изби на третото место на Западот додека второпласираниот тим во Источната конференција Торонто е поразен на гостувањето во Кливленд.

Хјустон славеше со 118:106, а Џејмс Харден мечот го заврши со 28 поени и 10 асистенции. Крис Пол забележа 10 поени, 10 скока и 4 додавања по што изби на седмото место на вечната листа на најдобрите асистенти во историјата на лигата. Плејмејкерот на Хјустон во моментов има вкупно 9061 асистенција и успеа да го мине легендарниот Ајзеа Томас. Лидер во оваа статистичка категорија со 15.806 додавања е Џон Стоктон. Во поразениот тим блескаше Кемба Вокер со 40 поени, 10 освоени топки под обрачите и седум асистенции.

Кливленд го совлада Торонто со 126:101 и ја прекина серијата од два порази едно по друго. Колин Секстон беше стрелец на 28 поени, а Осмаџ Џеди впиша 19 поени, седум скока и седум додавања. На спротивната страна Каваи Ленард имаше учинок од 25 поени и девет освоени топки додека Паскал Сиакам постигна 15 поени. Во останатите мечеви Вашингтон Сакраменто 126:101, Бруклин – Детроит 103:75, Јута – Оклахома 89:98 и Лос Анџелес Клиперс – Бостон 140:115.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ