Познати нашите претставници во натпреварувањата на ЕХФ
Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија денеска донесе одлука за нашите претставници во европските натпреварувања.
Бидејќи националното првенство е прекинато, федерацијата реши настапот во меѓународните натпреварување да го распредели според пласманот во минатата сезона. Вардар ќе биде нашиот претставник во Лигата на шампионите, Еурофарм Пелистер ќе го добе единственото гарантирано место во Лигата на Европа доколку барањето за влез во елитното натпреварување на Битолчани биде одбиено.
Металург ќе аплицира за директен пласман во Лигата на Европа, но ако барањето на тимот од Автокоманда биде одбиено тогаш ќе игра едно квалификациско коло за влез во фазата по групи.
За последното место во ова натпреварување пријавен е Бутел, а Тинекс Пролет и Охрид ќе бараат вајлд карта за влез во Лигата на Европа.
Од сезоната 2020/21 машката Супер лига ќе брои 14 екипи поделени во две групи, а првите три продолжуваат во разигрувањето за титулата каде ќе им се приклучат Вардар и Еурофарм Пелистер кои ќе партиципираат во СЕХА лигата.