Почина 19-годишен фудбалер на Аталанта
Фудбалерот на Аталанта, Андреа Риналди денеска почина во болница во Варезе, Италија, три дена откако имаше аневризма на мозокот.
Тој во петокот бил хоспитализиран, а му се слошило додека тренирал во домашни услови поради пандемијата од коронавирус. По три дена во болница докторите не можеле да му го спасат животот, па 19-годишникот починал утринава. Риналди е продукт на младинската школа на Аталанта на која и пристапил на 13 години, а оваа сезона ја играше како позајмен фудбалер во редовите на третолигашот Лењано.
„Исто како и на теренот, ти секогаш беше последниот што се предаваше, сега повторно се бореше со сета сила да не заминеш порано. Твојата насмевка засекогаш ќе остане со нас и кај оние кои те познаваа“, се вели во дел од соопштението на Аталанта.
Риналди беше дел од златната генерација на Аталанта, која ја освои двојната круна во првенството и купот во натпреварувањето до 17 години.