Пеља го елиминираше Гофан

На терените во Монтреал комплетирано е првото коло на машкиот и женски турнир. Кај мажите најголемото изненадување го направи Гвидо Пеља по триумфот над Давид Гофан додека кај дамите елиминирани се Венус Вилијамс, Ирина Сабаленка и Анастасија Севастова.

Роџерс купот во Монтреал заврши за 15-от носител Гофан кој во два сета со 6:4 и 7:6 беше совладан од Аргентинецот, Пеља. Фаворитот број 11, Борна Ќориќ славеше со 2:1 во мечот против Петер Гојовчик, Марин Чилиќ забележа победа во дуелот со Бредли Клан.

Тринаесеттиот носител Николоз Басилашвили беше поуспешен од Јан Ленард Штуф елиминирајќи го со 2:6, 6:2 и 6:3. Настапот во Канада заврши за Ник Кириос, кој е поразен во соочувањето со Британецот, Кајл Едмунд додека во домашното дерби Феликс Ожие Алиасим триумфираше над Васек Поспишил. Во единствениот меч од второто коло Александар Зверев го совлада Камерон Нори.

На женскиот дел од турнирот имаше неколку изненадувања. На стартот Карла Суарез Наваро беше поуспешна од Венус Вилијамс совладувајќи ја со 6:4 и 6:2. Турнирот заврши за деветтата и десеттата фаворитка Ирина Сабаленка и Анастасија Севастова.

Белорусинката Сабаленка е поразена во дуелот со Анастасија Пављученкова додека Шуаи Жанг триумфираше над Летонката, Севастова. Дона Векиќ во три сета ја совлада 14-тата фаворитка Медисон Кис, а Викторија Азаренка беше поуспешна од Камила Џорџи.

Во мечеви од второто коло Ешли Барти славеше над Софија Кенин, Кики Бертенс ја елиминираше Франческа Ди Лоренцо, а Мари Бузкова од Чешка забележа победа над седмата носителка Слоун Стивенс.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ