Панчев: Направив грешка што го избрав Интер пред Реал, Барселона и Манчестер

Беше на врвот на европскиот фудбал и ја направи најголемата грешка во кариерата. Легендарниот македонски фудбалер, Дарко Панчев за интернет порталот „гол.ком“ раскажува за трансферот во редовите на Интер, иако имал и други понуди од најголемите европски гиганти.

Дарко панчев со Црвена Звезда ја освои Лигата на шампиони во 1991 година. Беше втор во изборот за „Златната топка“, зад Жан-Пјер Папен, но ја освои „Златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа. Во летото 1993 година, како еден од најбараните голгетери во Европа, Панчев реши да премине во редовите на Интер. Популарниот „Кобра“ сега вели дека тоа била најголемата грешка во неговата кариера, бидејќи одбил понуди од тимови како Реал Мадрид, Барселона, Манчестер јунајтед и други.

„Mојата најголема грешка беше што потпишав за Интер“, вели Панчев за „Гол.ком“. „Отидов во тим во кој имаше лоша атмосфера, тим што играше дефанзивно  и како странец ме гледаа многу поинаку, мислам дека не ми помогнаа  доволно да се адаптирам во тимот. Но грешката е моја, бидејќи можев да заминам во тимови како Реал Мадрид, Барселона или Манчестер јунајтед, кои ме бараа во тој период“, додава македонскиот голгетер.

Панчев одигра само 19 натпревари во дресот на „нераѕурите“ во Серија А и постигна три гола. Повеќе шанса доби во италијанскиот Куп, каде на девет натпревари реализираше седум гола. По само една сезона мината на „Џузепе Меаца“, премина во Германија, каде играше за Лајпциг и Фортуна Дизелдорф, а кариерата ја заврши во швајцарски Сион во 1997 година. За југословенската репрезентација запиша 25 настапи со 18 голови, додека за самостојна Македонија играше само девет пати со еден постигнат гол.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ