
Оптимизам во владата за добивање датум за преговори со ЕУ во Јуни
Оптимизам во владата дека во јуни Европската унија ќе и даде на земјава датум за старт на преговори, иако од самитот на Западниот Балкан минатата недела во Берлин беа испратени сигнали од европскиот двоец Франција – Германија, дека и есен не е лошо време за датум.
Вицепремиерот за европски прашања сепак смета дека Јуни е добра прилика за датум за старт на преговори.
За Османи останува техничката дилема дали Бундестагот ќе успее во краткиот рок од објавувањето до Самитот на ЕУ, да го разгледа извештајот на Европската комисија за земјава и да донесе одлука.
Тој уверува дека земјава ќе направи се да не даде аргумент тоа да не се случи.
За можноста Унијата на самитот во Јуни одлуката за датумот за земјава да ја носи во пакет со одлуката за Албанија, која според сите проценки е поназад од земјава во реформите, а дополнително е заглавена и во политичка криза, Османи вели дека тоа е одлука на Европската комисија и Советот на ЕУ.
Османи посочи оти последните чекори пред одлуката на Брисел за започнување на преговорите се совпаѓаат со одржување успешни избори во земјава т.е. обезбедување цензус, како дополнителен аргумент за убедување на земјите-членки.
Во пресрет на Извештајот на Европската комсија за земјава на 29 мај кој е извесно дека ќе донесе уште една препорака до Европскиот совет да отпочне пристапни преговори со земјава, забелешки за послаб реформскиот процес се очекуваат во делот на администрацијата.
Ресорниот министер за администрацијата, Дамјан Манчевски, сепак смета дека напредок во реформите има, споредено со претходно.
Според него видливи резултати во делот на јавната администрација граѓаните ќе почувствуваат кој крајот на 2019 година. Според него клучен момент за реформата да успее, било кога, потребна е поддршка и од опозицијата во делот на законските измени.
Тамара Грнчароска