Одбојкарите ги дознаа противниците во квалификациите за ЕП 2021

Македонската одбојкарска репрезентација ги дозна своите противници во квалификациите за  Eвропското првенство 2021 година. Лани нашата селекција оствари прв историски пласман на еден континентален турнир.

Ждрепката ја смести Mакедонија во Групата Ц, каде противници ќе ни бидат Турција, Данска и Босна и Херцеговина. Турција ни  е добро познат ривал со кого ги одмеривме силите на ланското Европско првенство и забележавме пораз, а покрај во квалификациите со оваа репрезентација ќе играме и во Европската златна лига ова лето. Данска исто така е противник кој добро го познаваме преку настапите во Европската сребрена лига, додека Босна и Херцеговина важи за најголем аутсајдер во нашата конкуренција.

На Европското првенство пласман веќе имаат обезбедено најдобрите осум селекции од ланскиот турнир, како и четирите земји домаќини Полска, Чешка, Естонија и Финска. Останатите 12 учесници ќе бидат познати по квалификациите. Пласман на турнирот ќе обезбедат победниците во седумте квалификациски групи, како и петте најдобро второпласирани репрезентации.  Натпреварите ќе се играат годинава од август до септември, а нашата репрезентација во првото коло гостува кај Босна и Херцеговина.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ