
Од утре во туристичките градови нема да има квоти за лекови на рецепт
Укинувањето на квотите за лекови на рецепт почнува од туристичките градови. Од утре, во аптеките во Охрид, Ресен, Дојран, Струга и Гевгелија, граѓаните ќе можат да ги подигаат сите лекови што ќе им бидат издадени на рецепт, во текот на целиот месец.Мерката почнува од овие градови, од причина што таму, поради туристите, рафтовите во аптеките најбрзо се празнат.
Укинувањето на квотите за лекови на рецепт во сите аптеки на територијата на државата, треба да почне во септември или октомври. Филипче се уште не открива кој правел злоупотреби со издавањето лекови на рецепт.
Вели дека во Фондот се прави анализа за скандалот што беше обелоденет неодамна, а целосните информации ќе ги имаат наесен. Тогаш ќе ги објават и причините, зошто се зголемувал бројот на рецепти претходните години и како тоа ќе го стават под контрола, односно да го сведат бројот на лекови по глава на жител согласно европските стандарди.
Најави можност да се следат рецептите така што, лекот од аптека ќе може да го подигне само лично тој на кого му е препишан, а се бара решение и за тие што не се во состојба сами да ги подигнат лековите.
Далиборка Демјанска Цветановска