Новиот Вардар ќе има додавка во името: Кантeгрел доаѓа, со Соареш се преговара
Михајло Михајловски е во процес на преземање на ракометниот клуб Вардар од Сергеј Самсоненко, кој се повлекува по шестгодишно спонзорирање.
За Телма, Михајловски вели дека во тек се административните работи за формирање на ново акционерско друштво Вардар, но дека паралелно се работи и на формирање на играчкиот ростер за следната сезона.
„Во последна фаза сме на преземање на клубот од Сергеј Самсоненко, потоа ќе пристапиме кон тоа да го регистрираме новиот субјект, кој ќе има додавка, Вардар 1961“, вели Михајловски.
Од шампионските тим на „црвено-црните“ во Скопје официјално остануваат, капитенот Стојанче Стоилов, Тимур Дибиров, Иван Чупиќ, Кристијан Дисингер и Хлеб Калараш.
Михајловски потврди дека голманското трио во иднина ќе го сочинуваат Борко Ристовски, Марко Кизиќ и французинот Робин Кантегрел со кого соработката е веќе официјализирана. Клубот секако ќе се потпира и на македонски играчи, па обновени се договорите со сите кои беа дел од тимот (Димитриоски, Мишевски и други), плус доаѓа Томислав Јагуриновски од Металург. Клубот преговара и со младиот македонски репрезентативец Ненад Костески од Загреб
Утре ќе се знае иднината на Жозе де Толедо, кој има договор со Вардар, но изразил желба да замине за Баја Маре. Михајловски вели дека Португалецот Мигел Мартинс Соареш не потпишал за Вардар и преговорите се во тек.
„Со Кантрегел имаме договор и тој доаѓа во Вардар. Се работи за одличен голман, кој неколку пати е повикуван во француската репрезентација, но досега нема настап. Што се однесува до Соареш, тој нема потпишано договор, како што беше објавено во медиумите. Вистина е дека преговараме со играчот, но и со неговиот клуб Порто околу обештетувањето“, додава Михајловски.
Вардар во иднина ќе го спонзорираат неколку нови компании, а михајловски потенцира дека и натаму разговара со нови инвеститори со цел клубот да го задржи своето реноме на двократен европски првак.
„Нашата цел е да изградиме тим кој ќе може со актуелниот кадар да доаѓа до 1/4-финале во ЛШ, можеби Ф4, силен тим за СЕХА лигата и двојна круна во Македонија“, коментира идниот претседател на „црвено-црните“.
Црните сценарија очигледно се зад Вардар, па навивачите на овој клуб во иднина треба да очекуваат нови успеси и многу радости.