
Неуспехот на ЕП 2020 нека биде лекција за македонскиот ракомет
Во спортот велат, повеќе учите од поразите, отколку од победите. Тоа се покажа како точно во настапот на македонската ракометна репрезентација на Eвропското првенствo.
Победата во 1.коло против украина во групната фаза не нe` научи ама баш ништо, освен она што го знаевме и претходно, дека со голот во последната секунда, Kире Лзаров и натаму е нашиот суперхерој па дури и со 39-години.
Лазаров еден ден ќе ја закачи наметката, па друг ќе треба да ја преземе во националниот тим, а против Чешка и Австрија никој не се подаде за такво нешто. Нашата игра речиси две декади се базира на индивидуалниот квалитет и инспирација на лазаров, а тоа беше лесно прочитано од противниците, особено од Австријците на вчерашниот последен решавачки натпревар во групата. Човекот не може се сам, а и статистиката покажува дека само тој отскокнувал од просечноста, па со 22 гола и 17 асистенции е четвртиот најкорисен играч на Европското првенство зад младите ѕвезди Сандер Сагосен, Микола Билик и искусниот Енди Шмид.
Со оглед на фактот дека овој турнир ќе го завршиме на 15-тото место, тоа воедно ќе биде и наш најлош пласман на европските првенства во историјата. На континенталниот турнир во Србија во 2012 година, кога завршивме на историското 5.место, остваривме четири победи, колку што имавме на сите следни четири европски првенства заедно.
Наредивме настапи на девет големи турнири по ред и плус два олимписки квалификациски циклуси. Ова е серија за почит и за која репрезентациите во другите спортови можат само да сонуваат, но по пат ја загубивме вистинската слика за квалитетот.
Заборавивме дека за да го задржиме нивото, мораме да имаме новитети, како тактички, така и играчки. Спортот постојано се развива, работите се менуваат, играчите доаѓаат и си одат. Македонската репрезентација наместо напред, почна да стагнира веќе подолго, а сега веќе да оди и надолу.
Успех на голем турнир не може да се очекува со ротација од само девет играчи, од кои четворица ќе играат, другите ќе бидат само додавачи на топката, а останатите на клупата ќе чекаат шанса да одиграат по некоја секунда и да го запишат своето име во статистичките податоци. Јасно се покажа дека клупската кариера е исклучително значајна за играта и во репрезентацијата, па малата минутажа на дел од ракометарите во своите клубови се одрази на нивниот потпросечен настап.
Следува период на анализа и критики, дали уште на стартот на подготовките беа направени вистински потези или не, дали подмладувањето на репрезентацијата е навистина подмладување или тоа се само играчи со кои треба да се пополни списокот и дали имавме вистинска тактика за Украина, Чешка и Австрија.
Со ова не завршува македонскиот репрезентативен ракомет. Неуспехот треба да биде лекција како не смееме да играме и на што треба да работиме во иднина за да се издигнеме повторно како ракометна сила, па јавноста да добие уште шанси да организира спектакуларни пречеци, како и во 2012-та година.
Бранко Казаковски
Фото: Филип Вирановски