
Наумоски бара ревизија на работата на претходното раководство на МКФ
Претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски на вчерашниот состанок на Управниот одбор на федерацијата изразил сомнеж за нерегуларности во работата на поранешното раководство на чело со Даниел Димевски.
„Во иднина ќе се ангажира ревизија за детално да се испитаат работите и индикациите, за да бидат предочени на УО, кој ќе одлучува за понатамошните дејствија. Ова беше кажано со цел да се отстранат сомнежите дека во актуелното раководство или во организацијата нешто се затскрива или се штити претходното раководство“, стои во дел од соопштението објавено на интернет страницата на МКФ.
На Управниот одбор очекувано се разговарало и за безбедноста на салите во македонската кошарка. Било укажано дека две спортски сали („Градски Парк“ – Скопје и „Спортска“ – Куманово) не ги исполнуваат зададените критериуми за одигрување на натпревари во Супер лига и клубовите коишто играат во истите ќе мора да ги отстранат неправилностите пред почетокот на првиот суперлигашки натпревар за да играат во тие сали. Доколку во иднина се случи било каков прекин во било која сала во текот на Суперлигата или плејофот, истата сала ќе биде прогласена за небезбедна и во неа нема да може да се игра кошарка до завршувањето на Суперлигата и плејофот.
Управниот одбор гласаше и против предлогот на Шкупи за прошиурвање на Првата лига на дополнителни два клуба или вкупно 14. Од МКФ уште еднаш ги предупредија клубовите дека рокот за плаќање на таксите за странските играчи и казните истекува на 19 април. Доколку не ги платат сите давачки кон МКФ, клубовите ќе бидат суспендирани.