МЗТ бара помалку странци во клубовите, МКФ веднаш даде „амин“

Ужасните резултати на македонските репрезентации во сите возрасни категории, но и слабите резултати на клупски план во меѓународните купови, се главните причини актуелниот македонски првак МЗТ Скопје да поднесе иницијатива за намалување на бројот на странските кошаркари во клубовите.

Од таборот на „металците“ бараат бројката на странци да се намали од шест на четири играчи во еден клуб, со интенција оваа бројка од сезоната 2019/2020 да се намали на тројца.

„Веруваме дека е крајно време да се редуцира присуството на странски кошаркари во прволигашките клубови, со цел поголема шанса да добијат македонските таленти, кои потоа би нѐ извлекле од калта во која сега се наоѓаме сите. Ова би бил прв чекор на патот кон рехабилитација на македонската кошарка на клупски и на репрезентативен план, за која сме сведоци дека е далеку од времето кога бевме четврти во Европа односно седми во АБА-лигата“, се вели во дел од соопштението на МЗТ.

Иницијативата е поднесена во Македонската кошаркарска федерација, а шампионот очекува истата да добие подршка од сите релевантни структури како Здружението на прволигаши и Здружението на играчи, кои директно се засегнати со оваа проблематика.

Од таборот на МКФ експресно стигна реакција, со која „Куќата на кошарката“ ја подржа иницијативата на МЗТ и дека веднаш ќе започне постапка за менување на регистрацискиот правилник.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ