Монако го суспендираше тренерот Тјери Анри

Деновите на Тјери Анри на клупата на Монако се избројани. Францускиот клуб вечерва објави дека тренерот е суспендиран, а утре ќе биде донесена конечната одлука дали ќе добие отказ.

Монако победи на само два натпревари во франсцуското првенство под водство на Тјери Анри кој седна на клупата пред околу три месеци, насјледувајќи го Леонардо Жардим. Клубот денеска одлучи да го суспендира поранешниот француски фудбалер, а утре ќе ја донесе конечната одлука околу неговата иднина. Помошникот тренер Франк Паси ќе го води тренингот утре наутро, а најверојатно ќе биде тренер и за време на саботниот натпревар на гости кај Дижон во рамки на Лига 1.

Анри е на клупата на Монако точно 104 денови или 20 натпревари. Во вторникот „кнезовите“ на домашен терен загубија од второлигашот Мец, а минатата сабота со убедливи 5-1 на „Луј Втори“ загубија и од Стразбур во првенството.

Тренерот имаше остри зборови за своите фудбалери на прес-конфернција пред дуелот со Дижон. Зошто не е веднаш избркан од клубот, туку прво суспендиран, се прашува и целата фудбалска јавност, но од утре најверојатно тој повеќе нема да биде тренер на Монако, кој се наоѓа на претпоследната позиција на табелата во францускиот шампионат.

За поранешниот фудбалер на Арсенал ова беше прва самостојна тренерска работа, откако претходно му беше помошник на Роберто Мартинез на клупата на Белгија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ