
Модриќ е најдобриот според ФИФА: Хет-трик награди за Хрватот
Лука Модриќ е добитник на наградата за најдобар фудбалер во светото според ФИФА. Играчот на Реал Мадрид и хрватската репрезентација комплетираше фантастичен хет-трик на индивидуални признанија, откако претходно беше прогласен за најдобар на Светското првенство во Русија, а потоа го понесе и признанието за најдобар фудбалер во Европа според УЕФА.
Тој во оваа конкуренција ги победи Кристијано Роналдо и Мохамед Салах, кој сепак не си оди со празни раце, бидејќи ја доби наградата „Пушкаш“ за најдобар гол.
Селекторот на француската фудбалска репрезентација Дидие Дешамп ја понесе наградата за најдобар тренер, додека неговиот сонародник Рејналд Педрос е прогласен за најдобар тренер во женска конкуренција.
Тибо Куртоа ја понесе наградата за најдобар голман. За белгискиот чувар на мрежата немаше место во идеалната постава на ФИФпро во чиј избор учествуваа 25.000 професионални фудбалери.
Идеалниот состав го сочинуваат, Давид де Геа (голман), Дани Алвеш, Рафаел Варан, Серхио Рамос, Марсело (одбрана), Еден Азар, Лука Модриќ, Енголо Канте (среден ред), Килијан Мбапе, Лионел Меси и Кристијано Роналдо (напад).
Најдобра светска фудбалерка е Бразилката Марта, која по шести пат во кариерата се закитува со оваа награда.
Кристијано Роналдо и Лионел Меси не се појавија на гала вачерта во Лондон.