
Mладинците шести пораз во низа овој пат од Србија
Младата македонска фудбалска репрезентација ја продолжи губитничката низа во квалификациите за Европското првенство идната година, откако загуби на гостувањето кај фаворитот Србија со 2-1.
Нашите надежи имаа во рака еден бод, но попуштија со концентрацијата во финишот и го запишаа шестиот пораз во низа, а Србија дојде до седмата победа на седмиот натпревар.
Иван Шапоњиќ ја донесе Србија во водство во 28-та минута од пенал, а за Македонија израмни Тихомир Костадинов во 64-тата минута. Домаќинот победата ја обезбеди во 80-тата минута преку Филип Ступаревиќ.
Овој натпревар беше деби на клупата за новиот селектор Добринко Илиевски, а Македонија останува на дното со само три освоени бода и тоа во првото коло против Ерменија. Токму оваа репрезентација ни гостува во вторник во Скопје на следниот натпревар.