
Милевски повторно селектор на надежите: Верувам во момците и во мојата работа
Благоја Mилевски се враќа на клупата на младата македонска фудбалска репрезентација. Управниот одбор на Фудбалската федерација денеска повторно го назначи најуспешниот селектор и спогодбено го раскина договорот со досегашниот предводник, Добринко Илиевски.
Милевски за прв пат во историјата ја одведе младата селекција на едно Европско првенство и тоа во Полска во 2017 година. Тој ја напушти репрезентацијата во мај минатата година. Почна да работи во екипата на Ашдод од Израел, но не се задржа долго и си замина кон средината на месец ноември. ФФМ повторно му укажува доверба на Милевски да почне нов циклус квалификации за Европското првенство во 2021 година.
„Веројатно ова е една од најтешките задачи во мојата кариера, но тука сум. Повик од националната репрезентација не се одбива. Квалитет постои, знам дека можеме да успееме и не би прифатил ангажман доколку не верувам во момците и во својата работа“, изјави Милевски.
Во минатиот квалификациски циклус нашите надежи не се прославија и завршија на претпоследното петто место во групата. Во квалификациите за континенталниот турнир во 2021 година, македонската репрезентација за противници ги има Шпанија, Израел, Црна Гора, Казахстан и Фарски Острови. Натпреварите започнуваат во септември годинава.
Фото: ФФМ