
Мигрант од Пакистан прегазен од воз во општина Градско
Уште една жртва на македонските пруги во обид пеш да се помине државата.
23 годишен мигрант од Пакистан синоќа е прегазен од воз во близина на селото Ногаевци, општина Градско.
Возот сообраќал на релација Гевгелија – Скопје.
Со момчето бил уште еден 30 годишен пакистанец, кој е предаден на полицијата и префрлен во прифатниот центар Гази Баба, Скопје.
Несреќите на железничките пруги станаа честа појава минатите четири години, откако почна мигрантско – бегалската криза.
Жителите на пограниќчните села сведочат дека летниот период е врвулица. Голем број луѓе се обидуваат да ја поминат македонско – грчката граница на дивите премини, поради што селата како Моин се најчесто посетувани.
Оттука набавуваат храна, но и го организираат патувањето кон север.
Во полициските извештаи изминатите три месеци се евидентирани околу 300 мигранти кои биле фатени во обид нелегално да ја минат државата.
Сузана Мицева