
Металург атакува на втората победа во ЛШ
Ракометарите на Металург вечерва од 19 часот против Спортинг Лисабон ќе го одиграат натпреварот од седмото коло во Лигата на шампионите.
По само 24 часа од одигрувањето на дуелот против Стеуа во рамките од СЕХА лигата, македонскиот вицешампион го очекува нов предизвик на меѓународната сцена.
Вечерва избраниците на тренерот Данило Брестовац го пречекуваат тимот на Спортинг и се надеваат дека ќе се радуваат на втората последователна победа во елитното натпреарување.
“Спортинг има одличен тим и е квалитетно покриен на сите позиции. Морам да кажам дека во оваа фаза од сезоната резултатите за мене се во втор план и така ќе биде се до почетокот на македонското првенство. Најважно за мене е напорно да тренираме, добро да играме, а ако биде се така – резултатите сами ќе си дојдат”, истакна тренерот на тимот од Автокоманда, Брестовац.
Дел првотимците вчера одмораа, но вечерва Металург ќе биде комплетен и се очекува нова победа во шампионската лига.
“Не чека тежок натпревар со екипа која има цела низа на искусни ракометари, кои минаа се и сешто. Од мое и од името на играчите , ветувам дека ќе го дадеме нашиот максимум за да дојдеме до победата на оваа средба. Ќе се обидеме да одиграме најдобро, па нека победи подобриот”,истакна кружниот напаѓач, Филип Арсеновски.
Почетокот на натпреварот што ќе се игра во арената Борис Трајковски е закажан за 19 часот.