Мбапе најскап фудбалер во светот
Во пресрет на летниот преоден рок анализирани се клубовите од петте најсилни лиги во Европа и според откупната клаузула и проценетата вредност на пазарот напаѓачот на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе е на првото место со сума од 228 милиони евра.
Ако се земе в предвид дека комплетниот состав на францускиот првак е проценет на скоро милијарда евра вредноста на Мбапе е скоро една четвртина од целиот тим. Веднаш зад младиот напаѓач на Пари Сен Жермен, е фудбалерот на Тотенхем, Хари Кејн чија вредност е проценета на 198 милиони, а на третото и четвртото место се уште двајца фудбалери од Премиер лигата. Рахим Стерлинг вреди 187, а Мохамед Салах 185 милиони евра.
Листата на петте најскапи фудбалери на пазарот ја заокружува Лионел Меси кој моментално е проценет на 171 милион. На водечките места во Серија А се двајца фудбалери на Јувентус. Пауло Дибала во моментов вреди 141 милиони додека зад него е Кристијано Роналдо, кој со 34 години е и највозрасен во оваа конкуренција со 125 милиони евра.
Антоан Гризман е на второто место во Шпанија со 150 милиони и тој заедно со меси се единствените чија вредност е троцифрена. Преку 100 милиони во Англија во моментов вредат уште Ромелу Лукаку и Еден Азар, а единствен троцифрен во Германија е младиот англиски репрезентативец од Борусија Дортмунд, Џејдон Санчо чија вредност е проценета на 148 милиони евра.