
Македонските ракометари вечерва против Исланд, пренос на Телма од 21:45 часот
Македонската машка ракометна репрезентација вечерва од 21 часот и 45 минути против селекцијата на Исланд ќе го одигра првиот од двата квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство.
Во досегашниот тек од квалификациите нашите ракометари имаат половичен успех. По триумфот над Турција во Битола следуваше сензационален пораз од Грција во Кожани.
На клупата на нашата репрезентација ќе дебитира селекторот Данило Брестовац, а за прв пат во националниот тим ќе настапат Томислав Јагуриновски и Бојан Маџовски додека по подолга пауза се враќа Милорад Кукоски.
Исланд ни е добро познат противник во минатото сме одиграле дури 12 дуели, а последниот беше на последното Светско првенство кога во директен дуел за пласман во следната фаза го забележавме десеттиот пораз.
Ракометарите и стручниот штаб и покрај кусиот период за подготовка ветуваат дека ќе се обидат да направат изненадување и со евентуален триумф да го анулираат неуспехот од гостувањето во Козани.
Мечот во Рејкјавик почнува во 21 часот и 45 минути и ќе можете да го следите низ директен пренос на Телма, половина час претходно стартува нашата специјална емисија посветена на вечерашниот меч.