
Македонските ракометари пристигнаа во Минхен: СП за нас започнува во петок против Јапонија
Македонската ракометна репрезентација денеска пристигна во Mинхен, каде ја очекува настап на Светското првенство што се одржува во Германија и Данска. Турнирот започнува утре, но првиот испит за Македонија е на 11 јануари против селекцијата на Јапонија. Селекторот Раул Гонзалес денеска пред поаѓањето и официјално го објави списокот на 18 патници на Мундијалот.
Македонија во составот ќе има само едно лево крило. Дејан манасков нема да има замена, бидејќи Димитар Димитриоски вчера се повреди за време на последниот тренинг и не се најде на конечниот список на патници. Неговото место го зазема пикерот и соиграч од Металург, Милан Лазаревски, кој ќе конкурира на пикерската позиција заедно со Стојанче Стоилов и Жарко Пешевски. Покрај стандардните ракометари, шанса да настапат на светското првенство ќе имаат и младите ракометари на Металург, Мартин Серафимов и Марио Танкоски, како и двајцата играчи на Еурофарм Работник, Филип Чурлевски и Горан Крстевски. Голманската тројка ќе ја сочинуваат Борко Ристовски, Никола Митревски и Златко Даскаловски, додека од списокот отпадна Мартин Томовски.
Првиот натпревар во рамки на групата Б, го играме во петок на 11 јануари, кога од 15 часот ќе ги одмериме силите со Јапонија. Потоа ни следува дуел со Бахреин на 13 јануари, а следниот ден се среќаваме со Хрватска. Во последните две кола од групната фаза играме против Шпанија и Исланд на 16 и 17 јануари. Првите три репрезентации од групата обезбедуваат пласман во следната фаза од Светското првенство.